Велес има потенцијал за развој на туризмот
Бројни се туристите кои се на минување покрај Велес. Бројот на ноќевања покажува дека градот има потенцијал за развој на туризмот, но како да се задржат илјадниците транзитни туристи кои минуваат по автопатот кон, или се враќаат од Грција…

Како да се задржат туристите кои го посетуваат Велес, да останат повеќе од просечните 1,6 дена е дилемата на туристичките работници. Како градската каса да се полни со повеќе финансии преку туристичка такса. Ако лани имало рекорден број на туристи, тоа не е случај со бројот на ноќевања, кој е помал од највисоките забележани пред неколку години.
Најбројни туристи во Велес се од Србија, Романија, Унгарија, а по бројот на ноќевања, може да се констатира дека сите тие се на пропатување за или од Грција. Наспроти тоа се посетителите од САД, Германија, Турција, кои остануваат во просек по четири дена. Велес може да понуди и манифестации кои се локални брендови и може да донесат туристи, како што се Питијадата, единствениот Фестивал на античка драма.
Во Велес и велешко може да се развива културниот, верскиот, винскиот, руралниот туризам. Тој има развиен ловечки туризам и гости од Грција, Италија и Шпанија. Има можности и потенцијал, градот има многу приказни кои треба да се раскажат и обединат во една.
Петар Печков
