Донесен новиот пакет антикризни мерки
Владата го донесе новиот, деветти пакет антикризни мерки. Вреден е 662 милиона евра. Поддршката е таргетирана за ранливите граѓани и компании, а ќе почне да се спроведува од 1-ви декември…

Зголемување на училишниот стандард за основците и средношколците, помош за студентите и пензионерите, поддршка за земјоделците и компаниите-Владата го објави деветтиот пакет антикризни мерки со 26 ставки во вредност од 662 милиони евра. Според премиерот Димитар Ковачевски предвидена е неколку месечна парична помош за најранливите категории граѓани. Во наредните пет месеци финансиска поддршка по три илјади денари месечно ќе има за пензионерите со ниски пензии. Мерките ќе важат од 1-ви декември. Парите се обезбедени од солидарниот данок и се предвидени во буџетот.
Првата мерка е наменета за учениците и студентите. 105 основци и средношколци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 секој месец. Околу 15 илјади студенти кои живеат надвор од местото на студирање ќе добијат ваучер за превоз во вредност од 600 до 1.200 денари. Мерката ќе трае до крајот на учебната година односно до мај, а за студентите до јуни.
Мерките даваат можност и за зголемување на платите во приватниот сектор од 3.000 до 10.000 денари. Условот е последните три месеци да не е исплатена плата повисока од една ипол просечна, со што работодавецот ќе биде ослободен од плаќање на придонесите за вработените.
Со антикризните мерките се опфаќаат 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории граѓани, повеќе од 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата „МојДДВ“, 600.000 домаќинства, како и повеќе од 70.000 компании.
Андријана Ѓурческа
