Бесими: Деветтиот пакет антикризни мерки ќе се финансира од Буџетот, средствата се планирани
Деветтиот пакет мерки што го усвои Владата е во износ од 662 милиони евра и е насочен кон поддршка на млади лица, односно ученици и студенти, ранливи категории на семејства, пензионери со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители...

Мерките од деветтиот пакет антикризни мерки кој денеска беше презентиран во Владата е предвиден во Буџетот за 2023 и во Предлог-буџетот за 2024 година и тие нема да се финансираат со задолжувања туку преку приливи во буџетот од јавни давачи, соопшти министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Ова што денеска е презентирано е предвидено во рамки на Буџетот за 2023 и Предлог-буџетот за 2024 година, каде имаме неколку извори на финансирање односно даночните приходи или финансирање преку задолжување. Овие мерки не се финансираат со кредитирање, затоа што буџетот како што е кроен во 2024 година, задолжувањето, односно дефицитот е понизок од капиталните расходи коишто се на ниво од 733 милиони евра, а дефицитот е на ниво од 545 милиони евра. Од тие 545 милиони евра скоро 300 милиони евра се за плаќање камати за вкупното задолжување во досегашниот период“, истакна министерот Бесими и додаде дека ние дефакто ова ќе го финансираме од средствата што се приливи врз основа на јавни давачки од страна на граѓаните и стопанството со цел да се направи поддршка и редистрибуција на средствата за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.
Инаку, деветтиот пакет мерки што го усвои Владата е во износ од 662 милиони евра и е насочен кон поддршка на млади лица, односно ученици и студенти, ранливи категории на семејства, пензионери со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители приматели на ГМП, земјоделци, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција.
