Економија

Од ССМ велат дека Владата пред креирање на антикризни мерки треба да се консултира со нив

29.11.2023 12:44

Деветтиот пакет антикризни мерки во висина од 662 милиони евра содржи 26 мерки кои пред сè се за социјална сигурност, наменети за ранливата категорија на граѓани но пари се предвидени и за компаниите. Дали се доволни за граѓаните? Од Сојузот на синдикати велат дека Владата пред креирање на антикризни мерки треба да се консултира со нив. Не гледаат дека ќе донесат решение бидејќи инфлацијата и големите трошоци ќе се вратат по нивно завршување...

Потребите на граѓаните им се поголеми од она што го сметаат функционерите, велат од Сојузот на синдикати. Синдикалната кошничка за октомври изнесува 46.198 денари. Со новиот сет мерки за ранливи категории, Владата вештачки ја намалува инфлацијата и на ист начин создава социјален мир кој граѓаните не го чувствуваат, велат од ССМ. И тие сметаат дека ниту е доволно за живот, ниту да се истуркаат празниците.

Од Сојузот на синдикати укажуваат дека при креирање нови мерки, Владата секогаш треба да се консултира со нив. Но велат, добро е што со вакви мерки се помага, особено на сиромашните граѓани. Стравуваат, кога оваа помош ќе ја нема, повторно ќе се вратат големата инфлација и зголемените трошоци за живот.

Новиот пакет-мерки е во вредност од 662 милиона евра, а според премиерот Димитар Ковачевски, мерките се поддршка за ранливите категории граѓани и компании, како и за надминување на отежнатите услови на живот со зголемени трошоци и ефекти од енергетската криза. Мерките ќе важат од 1-ви декември.

 

Александра Спировска