инфраструктура

Течат активностите на пругата Куманово-Бељаковце

02.12.2023 16:48

Министерството за транспорт и врски до крајот на годината би требало да го распише јавниот повик за изградба на третата фаза од железницата од Крива Паланка до границата со Бугарија. Бочварски денеска изврши увид на активностите на првата делница Куманово-Бељаковце, која е во должина од 31 километар. Се надева дека градежните работи ќе завршат во предвидениот рок до октомври идната година …

Модерна железничка мрежа, која ќе овозможи брза врска кон соседните земји, економски раст. Ќе го олесни транспортот на товар и патници и ќе отвори нови можности за македонските компании, е нашата примарна цел, рече министерот за транспорт Бочварски, при увидот во изградбата на првата фаза на делницата Куманово-Бељаковце. Министерот по разговорот со претставниците од компанијата изведувач и надзорот изрази задоволство од динамиката со која се изведуваат работите на терен. Рече се надминуваат предизвиците кои се јавуваат на трасата и за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка.

„Иако гледам многу скептицизам за железницата, морам да потенцирам дека наша обврска е да изградиме брзи пруги и да ја одржиме конкурентската позиција на двата главни коридори во државата и тоа коридор 8 и коридор 10. Ја формиравме мешовитата комисија на Северна Македонија и Србија која започна да работи на плановите за изградба на брза пруга од Белград до Скопје со крак до аеродромот во Скопје“, рече Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

И директорот на Железници очекува да се изгради модерна пруга по сите стандарди.

„Ние сме со изведувачите стигнати до 44 отсто од изведбата. Овде имаме три станици до Бељаковце, се надеваме дека ќе стигнеме до предвидениот рок октомври идната година да го завршиме и продолжуваме со втората фаза каде исто така доста имаме завршено“, истакна Зоран Трифуновски, директор на ЈП Железници.

Изградбата на железничката пруга до границата со Бугарија, е инвестиција од над 700 милиони евра и се смета за сериозен чекор во развојот на регионалната железница.

Од Министерството за транспорт и врски очекуваат до крајот на годината да се распише и јавниот повик за изградба на третата фаза односно од Крива Паланка до границата со Бугарија.

Тендерската постапка е во завршна фаза, па останува пратениците да ги изгласаат законите за заем од меѓународните институции.

 

Елена Георгиевска