МТСП

Поддршка за ранливите категории

09.12.2023 15:41

Владата денеска го донесе Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално-ранливите категории граѓани. Ќе добијат пари за полесно да ја пребродат енергетската и ценовната криза. Решението во Собрание оди по скратена постапка за исплатата да почне уште месецов.

Финансиска помош за социјално-ранливите категории на граѓани за полесно справување со енергетската и со ценовната криза. За самохраните родители предвидена е помош од две илјади денари во период од пет месеци. За пензионерите со ниски примања, односно до 19 илјади денари, предвидена е помош од 1.500 до 3.000.

Семејствата кои имаат ученици и вкупен приход до 50 илјади денари ќе добијат државна помош од 1.200 денари за основец и 1.800 денари за средношколец до крајот на учебната година. Пари се предвидени и за студентите кои учат надвор од местото на живеење. Ќе добијат ваучери за превоз.

Владата го испрати Предлог-закон во Собрание во скратена постапка, доколку се изгласа, исплатата ќе почне уште месецов.

Помошта за овие граѓани ќе заврши за седум месеци, односно до изборот на новата влада.

 

 

Андријана Ѓурческа