Повисоки цени на новогодишните аранжмани на брегот на Охридското Езеро
Цените на новогодишните аранжмани во хотелите на брегот на Охридското Езеро, годинава се поскапени за 10 до 20 проценти. Тродневен аранжман, со вклучен појадок на Новата година, се движат од 200 до 300 евра по лице, зависно од понудата и категоријата на објектите. Според хотелската асоцијација, Охрид и Струга и натаму остануваат најевтини дестинации во регионот...

Новогодишните аранжмани на брегот на Охридското Езеро годинава бележат поскапување од 10 до 20 проценти. Цените за три денови во хотел, со вклучена специјална свечена прослава на новогодишната ноќ, се движат од 200 до 300 евра по лице, зависно од понудата и категоријата на објектите.
Поскапувањето на цените е под притисок на инфлацијата, како и подобрување на понудата, но, според хотелската асоцијација Охрид и натаму е најевтина дестинација во регионот.
„Ние сме пак една поевтина дестинација. Штом имаме исполнето и од странски гости 80% некаде и повеќе во некој просек се странски гости тоа значи дека имаме добри понуди во споредба со околните држави. Цените се поскапени но секаде се поскапени“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Во главниот туристички центар, традиционално ќе има организиран дочек на Новата година на градскиот плоштад. И туристичките работници ја збогатуваат понудата, се нуди новогодишен афтерпарти бранч на плажа, вино и чоколадо на зајдисонце, празнично крстарење со брод и други анимации.
„Добро е кога има добри понуди и добро е што за тие денови, може да се каже, некаде од 20-ти декември, па се до 10-ти јануари со нашиот Божиќ ќе биде жив градот и целото крајбрежје на Охридското Езеро“, додава Блажески.
Охрид е исклучително популарна дестинација за Новогодишните празници, особено за младите од соседството. Српските агенции на големо го продаваат градот, со автобуски превоз од Ниш или Белград и индивидуален дочек на Новата година, цените се движат околу 140 евра.
Соња Рилковска
