Бочварски и директорот на Транспортната заедница, Закоњшек, извршија увид на пругата на Коридор 8
Изградбата на железничка пруга на источниот дел од Коридор 8 е инвестиција од преку 700 милиони евра и чекор напред во развојот на железничка мрежа во Северна Македонија. Оваа железничка пруга се гради во три фази...

Со огромна поддршка од Транспортната Заедница, со соседите Албанија и Бугарија, како и Италија, успеавме овој Коридор 8 да го ставиме на главната мапа на европски коридори и токму поради тоа огромно е значењето овој европски Коридор да биде доизграден, како на железничката оска, така и на патната мрежа, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и со директорот на Железници Инфраструктура, Зоран Трифуновски, извршија увид на изградбата на железничкиот Коридор 8.
Изградбата на железничка пруга на источниот дел од Коридор 8 е инвестиција од преку 700 милиони евра и чекор напред во развојот на железничка мрежа во Северна Македонија. Оваа железничка пруга се гради во три фази.
„Драго ми е што денеска заедно со мојот пријател Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и со директорот на Железници Инфраструктура, Трифуновски сме присутни на железничкиот Коридор 8, еден од главните Коридори на Европската Унија во овој регион. Важноста е уште поголема од причина што Европската Унија ни дава силна поддршка за изградба на овој Коридор како услов за ефикасно регионално поврзување. Нашата примарна цел е да создадеме модерна железничка мрежа, која ќе овозможи економски раст, брз и ефикасен транспорт на товар и патници и регионален развој. Сакам да потенцирам, Република Северна Македонија има само една опција, а тоа е европската перспектива и затоа оваа Влада покажа силна одлучност да ја започне најголемата инвестиција во железницата, а тоа е изградбата токму на оваа пруга“, изјави министерот Бочварски.
Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, истакна дека Коридорот 8 не е важен само за Северна Македонија или за Албанија и Бугарија, туку е клучен за цел регион, поврзувајќи ги Црното Море и Медитеранот.
Во следните два дена Република Северна Македонија е домаќин на Министерскиот совет на министрите за транспорт од регионот од Западен Балкан, како и Молдавија, Грузија и Украина.
Министерството за транспорт и врски заедно со Секретаријатот на Транспортната заедница се организатори на овој Министерски совет на кој ќе се разговара токму за напредокот на земјите во делот на транспортните мрежи.
