Субвенции за проекти за патишта до нивите
Центрите за развој на планските региони ги добија субвенции за проекти за подобрување на пристапот до обработливите земјоделски површини. Со вкупно 6,1 милиони денари поддршка, се обезбедува реализацијата на капитални проекти во југоисточниот, вардарскиот, пелагонискиот и североисточниот дел од државата.

Субвенциите се однесуваат на проекти за подобрување на пристапот до нивите и насадите со интензивна земјоделска дејност. Максималниот износ на поддршката по корисник е 4,2 милиони денари од вредноста на трошоците за проектот. Како прифатливи се сметаат потребните средства за изведба и надзор што ќе бидат потрошени за подобрување на патната инфраструктура во подрачјата со поголемо земјоделско производство.
Според правилата на јавниот повик, до Министерството за земјоделство еден корисник аплицира само со едно барање. Доколку постојат повеќе предлог-проекти во него, тие треба да се означени со редослед за приоритетот на финансирање.
Југоисточниот плански регион доби финансиска поддршка од 2,7 милиони денари за санација на полски патишта во општина Василево, Богданци, Босилово и во Струмица, а во Вардарскиот регион 1,6 милиони денари ќе се искористат за мали патишта во Росоман и Неготино.
Пелагонискиот регион доби субвенција од 1,2 милиони денари за активности во општина Могила и Кривогаштани, а североисточниот плански регион над 600 илјади денари за пристапен пат до земјоделско обработливо земјиште во општина Старо Нагоричане.
Методија Трајков
