Македонија

Новата година во Охрид дочекана во прекрасна атмосфера

01.01.2024 10:08

Во Охрид новата две илјади и дваесет и четврта година беше дочекана весело, со многу музика која одекнуваше во секое катче на градот и долж крајбрежјето. Најголемиот број од гостите допатуваа од соседните држави и од земјава исполнувајќи ги хотелите и другите сместувачки капацитети, а домаќините како и секогаш им приредија бројни забави и богати трпези …

Илјадници туристи од земјава и странство заедно со своите домаќини во прекрасна атмосфера во Охрид ја дочекаа Новата 2024 година, со многу желби за здравје, среќа и бериќет.

По неколкумесечна пауза убаво е чувството охридската чаршија да се види исполнета со луѓе кои говорат различни јазици, а сепак се разбираат, бидејќи за музиката, песната и среќата не постојат граници.

Највеселата ноќ во годината траеше до раните утрински часови, а како и секогаш дочекот на новата година беше најмасовен на градскиот плоштад.

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на охриѓани и гостите им посака успешна нова година.

Како и секогаш на 1-ви јануари охриѓани и гостите во текот на денот ќе ги исполнат угостителските објекти во чаршијата и долж крајбрежјето, сумирајќи ги впечатоците од новогодишната ноќ, но и релаксирајќи се за забавите кои им престојат вечерва на првиот ден од новата година.

 

Сашо Нелоски