Собрание

Пленарна седница за избор на техничката влада предводена од Џафери

28.01.2024 09:31

Во Собранието избор на техничката влада. Гласањето е најдоцна до полноќ. Седница е закажана за во 11 часот. Мандатарот Талат Џафери до Собранието ги достави составот и програмата на техничката влада...

Собранието денеска ќе ја одржи 141-та седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада на Република Северна Македонија.

Талат Џафери, мандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред изборите, вчера ја достави програмата и предлог-составот на новата влада. Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Мандатарот Џафери наведува дека приоритет на оваа влада ќе бидат успешно организирање на слободни, фер и демократски избори на 24-ти април и 8-ми мај, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024-та година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024-та година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.

За таа цел владата врз основа на широкиот меѓупартиски дијалог ќе овозможи ефикасно имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни организации со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните, се посочува во програмата на мандатарот Џафери.

Според Изборниот законик и Законот за Влада, во преодните или технички влади има министри од владејачкото мнозинство и најголемата опозициска партија.

Техничката влада функционира сè до избор на нова влада.