Одбрана

Петровска на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО

15.02.2024 14:13

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Брисел учествуваше на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана, каде во две сесии се разговараше за трансатлантското единство, плановите за одбрана и одвраќање, зголемените инвестиции во одбраната и сојузничката поддршка за Украина...

Петровска порача дека припадници на Армијата на Република Северна Македонија даваат свој личен печат на зацврстувањето на колективната безбедност, одбрана и одвраќање, преку учеството во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија.

„НАТО е одбранбена Алијанса и ние не претставуваме закана за никој. Но, ние сме единствени и обединети во нашата непоколеблива заложба да ги одбраниме нашите сојузнички земји со над една милијарда луѓе“, подвлече министерката.

На состанокот стана збор и за подготовките на претстојниот Лидерски самит во американскиот главен град Вашингтон каде ќе биде одбележана 75-годишнината од основањето на Алијансата, која во 1949 година е креирана како штит против агресија и страв од агресија. НАТО е најуспешната Алијанса во историјата на човештвото, базирана на силната трансатлантска врска помеѓу Европа и Северна Америка и заложбата за заедничка колективна одбрана.

Заедно со останатите министри за одбрана на земјите членки, Петровска изрази очекување дека на Самитот во Вашингтон, како рамноправна членка, ќе учествува и Шведска.

На средбата на Советот НАТО – Украина, министерката Петровска ја реафирмираше поддршката од Северна Македонија за земјата која има право да ја одбрани својата сувереност и територијален интегритет.

Денеска, министерката Петровска заедно со министрите за одбрана на тринаесет сојузнички земји, меѓу кои Германија, Франција, Норвешка, Турција, Холандија, Полска, Данска, како и Шведска како земја-поканета за членство потпиша и Писмо за намери за „Зголемување на производствените капацитети на муниција и индустриска отпорност“ преку НАТО Мултинационалната иницијатива за набавки, под покровителство на Обединетото Кралство. Целта на оваа Иницијатива е унапредување на соработката со индустријата за обезбедување на повеќегодишна мултинационална набавка на муниција, како и постигнување на зголемена интероперативност и намалување на трошоците за земјите учеснички во Иницијативата.