Стари урбанистички планови и многу дивоградби
Генералните урбанистички планови се стари со години. Ама, општините ги носат и менуваат деталните, често и по барање на инвеститорите. Ова резултира со многу згради и помал јавен простор, а мака мачиме и со дивоградбите...

Врие од дивоградби, кој стигнал си менувал детални, ама ги баталил генералните урбанистички планови и по две децении, кадар и инспекции нема ни за лек. Ваквите состојби во речиси сите од осумте општини опфатени со истражувањето го зголемуваат ризикот од непланско управување со градежното земјиште. Од центарот за граѓански комуникации посочуваат дека ова е предуслов за корупција и злоупотреби. Загрижува што три четвртини од измените на ДУП-овите се правени по барање на физички или правни лица.
Секое трето барање за градба во периодот 2018-2022 година е одбиено или повлечено, а барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба.
Легализацијата на дивоградбите е доста болно прашање и за општините, велат од ЗЕЛС за МТВ. Затоа тие реагирале уште при донесување на првите законски одредби за легализирање на нелегалните објекти. Но, за урбанистичките планови, ЗЕЛС прстот го впери во извршната власт која требало да обезбеди структурирана и временски побрза процедура за нивна изработка, како и финансиски средства за општините, што не се случило. Друг предизвик е, велат, дека согласно новиот закон урбанистичките планови требало да се донесат до средината на месец февруари.
„Сега општините ќе мораат да отпочнат комплетно нова постапка, да обезбедат нивно соодветно финансирање, да се чека долг период за нивно донесување, што значи застој на локалната економија и слично. За да се избегне огромната финансиска штета што ќе ја претрпат голем број општини, беше предложено да се преземат соодветни чекори пред надлежните органи за продолжување на овој рок“, велат од ЗЕЛС
Најстар урбанистички план има општина Битола, од 1999 година, оној на Кичево е од пред 24 години, на Струмица 22 години, Тетово 21 година, а општина Куманово од пред 20 години.
Фиљана Кока