Кривичен суд

Обвинетите за двојното убиство негираат вина

20.09.2024 12:10

Во Основниот кривичен суд Скопје почна судењето за убиството и грабнувањето на малолетната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Обвинетите негираат вина...

Обвинетите за грабнувањето и убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски негираа вина за делата за кои се товарат. Откако судот одлучи да не го прифати предлогот за исклучување на јавноста, рочиштето продолжи со воведните збориви на обвинителката која во детали ги опиша дејствијата за која се товарат обвинетите.

Љупчо Палевски- Палчо со пукање во глава ги убил 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, кажа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска. Обвинетите Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ги планирале убиствата и на свиреп начин ги извршиле, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, им помогнал во грабнувањето.

Обвинетите прво го убиле Жежовски за да можат со неговото возило да ја грабнат Вања. Грабнувањето било извршено во понеделникот на 27-ми ноември, откако таткото му јавил на Палчо дека Вања ќе оди сама на училиште.

Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев со колата на претходно убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на Вања. Влатко Кешишев чекал во колата, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Кога таа излегла од лифтот, ја грабнале и ја ставиле во вреќата.

Потоа ја ставиле Вања во багажникот на колата, на Партизанска ѝ го скршиле телефонот за да нема сигнал и се упатиле кон Качанички пат. Во Визбегово се сретнале со Палчо и сите заедно продолжиле кон селото Бразда, каде ја убиле Вања. Обвинетите во претходно ископана дупка ја ставиле Вања со врзани раци и нозе. Палчо, според обвинителството, со пиштол преку перница пукал во главата на Вања и ја убил. Потоа го закопале телото, а колата ја запалиле.

Од Обвинителството рекоа дека со докази ќе го докажат сето наведено во обвинението. Наведоа и дека располагаат со листинзи за разговори и пораки кои ќе докажат дека обвинетите долг период се договарале меѓу себе.