Аеролетови

Николоски: Од Скопје ќе се лета до Женева и до Париз

22.01.2025 17:44

Овие две дестинации се воведуваат на барање на дијаспората, а ќе ги оперира авиокомпанијата Изиџет со тоа што линијата Скопје – Париз ќе започне да се оперира од 2 април, додека линијата Скопје-Женева од 3 ноември, оваа година...

Од Меѓународниот аеродром Скопје се воведуваат уште две нови авиолинии и тоа, Скопје-Женева и Скопје – Париз (аеродром Орли).

Овие две дестинации се воведуваат на барање на дијаспората, а ќе ги оперира авиокомпанијата Изиџет со тоа што линијата Скопје – Париз ќе започне да се оперира од 2 април, додека линијата Скопје-Женева од 3 ноември, оваа година.

Овие две дестинации се дел од финансиската поддршка што ја овозможува Владата преку Министерството за транспорт, а се во рамките на отворениот јавен повик за поддршка за воведување на нови авиолинии.

Би сакале да потенцираме дека јавниот повик е сè уште отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат критериумите предвидени со повикот.

Со овие две нови линии се зголемува бројката на 9 нови дестинации кои ги обезбеди Министерството за транспорт. Претходно се потпишаа договори за воведување на линиите:

Охрид – Истанбул, Охрид – Базел Мулхаус, Скопје – Дубаи, Скопје – Штутгарт, Скопје – Лион, Скопје – Барселона и за истите се овозможува финансиска поддршка по принципот на патник во доаѓање.

„Ова е уште една одлична вест за граѓаните, за авиосообраќајот и за државата. Ова е резултат на добрите политики што ги спроведуваме во делот на авиосообраќајот. Париз и Женева се две атрактивни дестинации за граѓаните. Верувам дека ќе поттикнеме и други авиокомпании да се јават на повикот, со некои и веќе преговараме и очекувам воведување и на други дестинации од домашните аеродроми. Имаме потенцијал, имаме капацитет и верувам дека повторно ќе ја зголемиме конкурентноста на аеродромите во регионот. Дополнително на граѓаните им овозможуваме нови дестинации, а на нашите од дијаспората олеснување во комуникацијата со своите блиски овде во Македонија. Развојот на авиосообраќајот е дел од владините приоритети и еве се потврдуваат нашите напори и овој сегмент да го развивавме“-истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.