Истражување

Секој седми граѓанин е член на политичка партија

23.01.2025 10:59

Во Македонија најчесто се гласа по етничка линија. Висок е процентот на граѓани кои се декларирале како членови на политички партии, а дури третина од нив на ланските избори учествувале на собири или јавни настани организирани од политичка партија...

Во Македонија најчесто се гласа по етничка линија. Висок е процентот на граѓани кои се декларирале како членови на политички партии, а дури третина од нив на ланските избори учествувале на собири или јавни настани организирани од политичка партија.

Жените и младите се помалку вклучени во политичките процеси, покажува Компаративното истражување на изборните системи (КИИС) во кое учествуваа Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија (ИФЕС).

Од партиите на Македонците, само две имаат гласачко тело меѓу граѓаните Албанци и припадници на други етнички заедници, а истражувањето покажува дека Македонци не гласаат за партиите на Албанците.

Истражувањето покажува дека нашата земја е меѓу оние со најбројни членства во политички партии во Европа. Според податоците од истражувањето 13, 3 проценти од испитаниците кажале дека се членови партии, што не е многу помалку од 2017 година кога било 13,6 проценти. Просекот во ЕУ, како што беше истакнато е 3 до 5 проценти. Врз основа на овие податоци секој седми граѓанин кај нас е член на политичка партија.

Жените и младите се помалку вклучени во политичките процеси, а врз основа на истражувањето младите на возраст од 18 до 24 година се помалку заинтересирани за партиско инволвирање

Податоците од истражувањето укажуваат на тоа дека гласачкото тело во голема мера било незадоволно од работата на претходната влада од 2020 до 2024 година, но и дека тоа незадоволство е различно по етничка линија.

Со ова истражување се покажува низ бројки дека партиите имаат постојано гласачко тело, но и колку гласови се прелеале од една во друга партија или коалиција.

На прашањето дали на сите избори гласате за иста партија, 37,4% од испитаниците одговориле потврдно, 29, 8% дека на повеќето избори гласаат за истата партија, 25,3% дека гласаат за различна партија додека 1,1% дека никогаш не гласа.

Исто така се анализираат и причините зошто граѓаните гласале за одреден кандидат или политичка партија, како и причините за апстиненција.

Одлуката за кого ќе гласаат, мнозинството граѓани, 59,09% ја знаат пред изборите, но 32, 8% тоа го прават за време на кампањата, додека пак 6,8% на денот на избори.

На претседателските избори најмногу испитаници одговориле дека причина за избор на претседателски кандидат е затоа што сметале дека тој/таа за него била најдобра (37,8%), а потоа следува одговорот дека тоа е поради партијата која ја поддржува (34,87%). За парламентарните избори најмногу од Македонците (34%) одговориле дека за одредена партија или коалиција гласале поради програмата на партијата, додека кај Албанците доминира (35) довербата во раководството на партијата.

Како главна причини за апстиненција граѓаните наведуваат дека не ги интересираат изборите и политиката (36%) и оти им е сеедно која партија ќе победи бидејќи сите се исти (30,2%). Кај граѓаните до 34 години најмногу доминираат овие два одговори.

Теренското истражување е направено во период од 25 октомври – 4 декември 2024, реализирани се вкупно 1056 анкети, а стапката на одговор е 56,2%, а оваа презентација содржи само дел од националните наоди. Опфатени се сите плански региони, а користени се податоци од Државниот завод за статистика врз основа на последниот спроведен попис.