Попуштаат тензиите на Блискиот Исток
Хамас потврди дека до крајот неделава ќе ослободи уште шест израелски заложници. На северот од Газа се вратија 300 илјади Палестинци. Разговорите за втората фаза од за договорот за прекин на огнот треба да почнат идната недела. ЕУ ја враќа мониторинг мисијата на граничниот премин Рафах...

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас од 19 јануари се спроведува. Над 300 илјади раселени Палестинци се вратија на северот на Појасот Газа. За жителите на пограничните области со енклавата безбедноста и натаму е голема грижа.
„Сакаме вистинска безбедност, а во исто време ги сакаме и сите наши браќа назад“.
„Голема грешка е да се вратиме сега откако 300, 400 војници беа убиени при окупацијата на овој појас“.
„Нека се вратат дома безбедно и нека водат нормален живот. Го сакаме истото и од двете страни на границата“.
Преговорите за втората фаза од договорот треба да почнат идната недела. Хамас потврди дека до крајот неделава ќе ослободи уште шест израелски заложници меѓу кои и Арбел Јехуд, која Израел ја бараше да биде пуштена со претходната размена. Премиерот Нетанјаху изјави дека и натаму се посветени на уништување на милитантната група.
„Списокот од Хамас се совпаѓа со израелското разузнавање. Затоа можам да споделам дека 25 од нашите заложници се живи, а 8 се убиени од Хамас“, изјави Дејвид Менсер, портпарол на израелската влада.
Во меѓувреме, ЕУ објави дека повторно ја почнува мисијата за следење на граничниот премин меѓу Појасот Газа и Египет.
„Палестинците се враќаат во северна Газа и прекинот на огнот е кревок, но се одржува. И ние ја поддржуваме неговата имплементација, вклучително и прераспоредувањето на нашата цивилна мисија во Рафах за надзор“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Жртви и неколкумина повредени во вториот ден од протестите во јужен Либан. Раселените од 14-месечната војна меѓу Израел и Хезболах се обидоа да се вратат во селата каде што и натаму се присутни израелските војници. Хезболах го обвини Израел дека го прекршил примирјето 1.350 пати.
„Во некои фази, нема да се кријам од вас, размислувавме да одговориме на нападите. Меѓутоа, ни беше кажано дека ако одговориме, тогаш прекршувањата од Израел ќе ги избалансираат прекршувањата“, изјави Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.
Претходно и САД и Либан објавија дека рокот за исполнување на условите за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах е продолжен до 18 февруари.
Маријана Димовска
