Обвинителството бара вонредни инспекциски надзори на загадувачите на воздухот во Скопје
Обвинителството издаде наредба за вонредни инспекциски надзори на загадувачите на воздухот во Скопје. Надлежните инспекторати, како и МВР се задолжени да изготват извештаи и доколку се констатира кривично дело од областа на животната средина, Обвинителството најавува постапки...

Обвинителството ги бара загадувачите на воздух. Во главниот град се вршат вонредни инспекциски надзори од Државниот инспекторат за животна средина и општинските инспектори и на Градот Скопје, како и од МВР и Дирекцијата за заштита и спасување, по налог на Основното јавно обвинителство.
Во фокус на државните инспектори за животна средина се деловните објекти кои извршуваат технолошки процеси дали го нарушуваат квалитетот на амбиентниот воздух и фирмите кои за загревање на објектите користат мазут или нафта.
Инспектори за животна средина вршат надзори во објектите кои поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола. Комуналните инспектори вршат проверки дали има одлагање на отпад на јавни површини, палење на оган на отворено.
МВР пак, врши контрола дали се почитува посебниот сообраќаен режим за тешките товарни возила. Сите надлежни институции се задолжени да достават извештаи до обвинителството. Доколку во нив се содржани елементи на кривично дело Основното јавно обвинителство најави дека ќе поведе постапки против сторителите.
Игор Панов
