Украина

Разговори за прекин на огнот во Украина

26.03.2025 09:48

Во процесот за следење на примирјето меѓу Русија и Украина ќе бидат вклучени и трети земји, потврди американскиот претседател Трамп. По маратонски преговори, падна договор за безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите на енергетската инфраструктура...

Постигнат е голем напредок во обидот да се постигне прекин на огнот меѓу Украина и Русија, уверува американскиот претседател. Трамп потврди дека во процесот на следење на примирјето ќе бидат вклучени и трети земји. Иако договорот се смета за прв чекор кон поширок прекин на огнот, експертите предупредуваат дека тоа нема значително да ја промени ситуацијата на теренот.

„Во длабоки разговори сме со Русија и Украина. И јас би рекол дека оди добро, но тоа е ситуација за која никогаш не требаше да размислуваме, никогаш не требаше да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

По маратонски преговори, американски, руски и украински претставници во Саудиска Арабија се договорија за безбедна пловидба во Црно Море и запирање на нападите на енергетската инфраструктура. Меѓу другото, Вашингтон ќе и помогне на Москва да го врати пристапот до светскиот пазар. Зеленски не е уверен дека Русија ќе го почитува ветеното.

Како Русија ќе се однесува во наредните денови ќе покаже многу, ако не и се. Ако повторно има воздушни тревоги, ако повторно има воена активност во Црно Море, ако повторно има руски манипулации и закани, тогаш ќе треба да се преземат нови мерки – конкретно против Москва“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Кремљ објави дека договорот може да стапи на сила по укинувањето на ограничувањата за извозот на руски производи и воведените санкции.

„Ќе ни требаат јасни гаранции. Со оглед на тажното искуство од договорите со Киев, гаранциите можат да бидат само резултат на наредбата од Вашингтон до Зеленски и неговиот тим да го направат токму тоа. Ми се чини дека нашите американски партнери го прифатија овој сигнал“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

И покрај ставеното на хартија, девет беспилотни летала се уништени во текот на ноќта на руска територија, од кои пет во регионот на Белгород, две во областа Курск и уште две над Црноморието, тврди Москва. Нејасно е дали дроновите биле насочени кон објекти во Црно Море или само прелетале над водата.

„Ние би можеле да ги исполниме договорите ако ги исполни и Русија. Тоа мора да биде од двете страни. Сигурен сум дека нашиот народ е подготвен да ги исполни овие договори, но воопшто не сум сигурен дека Русија ќе ги исполни“, рече анкетиран.

„Јас сум оптимист, секогаш верувам во најдоброто и се надевам дека оваа година земјата ќе дојде до мир. Америка рече дека Украина ќе мора да се откаже од нешто, ќе видиме дали и Русија ќе мора да се откаже од нешто“, изјави друг.

За мирот и безбедноста, утре францускиот претседател Макрон организира самит со европските лидери. На состанокот ќе присуствува и претседателот Зеленски.

 

Маријана Димовска