Хиперпродукција на туристички водичи без соодветен квалитет
За туристичките водичи велат дека спаѓаат во најдобрите амбасадори на своите земји. Експертите сметаат дека имаме повеќе од доволно водичи, но дека најголемиот број од нив немаат соодветни квалитети за реализирање на таа дејност, особено кога се работи за добро познавање на некои од светските јазици. Бараат да се воведе нова програма за нивно образование за што е потребна измена на законот за туристичка дејност.

Во последниве години во земјава имаме хиперпродукција на туристички водичи, но според експертите нивниот квалитет е дискутабилен. Доколку се направи споредба со другите држави неспорно е дека кандидатите кај нас многу лесно се стекнуваат со легитимација за туристички водич и не зачудува што им недостасува специјализирано знаење. За да се надминат овие состојби што поскоро треба да има измени на Законот за туристичка дејност.
„Да се гледаат искуствата од соседните земји за подолготрајно обучување на самите водичи од аспект на нивните практични познавања. Факултетот за туризам и угостителство уште пред 10 години беше подготвен да воведе практична обука, освен теоретската обука, како и полагање на практичен и теоретски испит, со тоа што обуката би траела половина до една година. Тоа за жал не е направено“, изјави проф. д-р Михаел Ристески- Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Ако во развиените центри туристичките водичи треба добро да владеат со два до три светски јазици, кај нас има водичи кои не зборуваат ниту еден странски јазик.
„Нешто што може да се заклучи како една негативна навика којашто долги години се провлекува во нашиот туристички систем е тоа што поголем дел од туристичките водичи не ги познаваат јазиците. И оние што ги познаваат не ги владеат тие особености и суптилности на јазикот“, изјави проф. д-р Климент Наумов- Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Доброто владеење со јазикот, елоквентноста и познавањето на потребната терминологија ја прави разликата помеѓу добар и лош туристички водич, вели Наумов.
Сашо Нелоски
