Истражување

Поголеми набавки, помалку добавувачи во здравството

23.12.2025 11:34

Според анализата, повеќе од половина од набавките им припаднале на само 10 фирми, со склучени договори вредни над една милијарда евра.

Вредноста на јавните набавки во здравството во последната деценија е повеќе од двојно зголемена, додека бројот на компании што добиле тендери пораснал за само 12 отсто, покажува истражување на Центарот за граѓански комуникации за периодот 2015–2024 година.

Според анализата, повеќе од половина од набавките им припаднале на само 10 фирми, со склучени договори вредни над една милијарда евра. Две компании – „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“ – контролираат околу една четвртина од вкупната вредност на тендерите, а кај набавките на лекови и медицинска опрема нивниот удел достигнува и до една третина.

Истражувањето укажува и на раст на тендерите без конкуренција. Ако пред пет години најголемите фармацевтски компании биле единствени понудувачи кај околу 33 отсто од договорите, денес тој удел надминува 55 отсто.

Според Центарот за граѓански комуникации, отсуството на конкуренција води кон повисоки цени, намален квалитет на здравствените услуги и ограничен избор на лекови за пациентите.