Живот во шатор и надеж за мир: Тешката судбина на бегалците од Блискиот Исток
Безбедноста и домот остануваат недостижен сон за милиони раселени лица во Газа и Либан. Хуманитарните организации предупредуваат дека потребите се огромни, а Обединетите нации повикуваат на поголема поддршка за луѓето принудени да бегаат од конфликтите.

Секојдневие претворено во преживување на голтка. Без покрив на главата среде урнатини на ништото останато од нивните домови. Раселени во бегалски камп. Сирачињата 5-годишниот Тамим и неговата 3-годишна сестра Ранин Нофал живеат во шаторот во Газа со својот дедо Махмуд, откако ги загубија своите родители при израелски воздушен напад.
„Оваа војна создаде страв и ужас кај нив. Тешко е да се замени љубовта и наклонетоста на татко и мајка. Тешко е да се компензираат за толку многу работи. Јас сум нивниот хранител, ги бањам и ги снабдувам со сè што им е потребно“, вели Махмуд Нофал, дедо на две сирачиња.
Тажни се приказните на близу 42 милиони бегалци кои ги напуштиле домовите спасувајќи жива глава пред прогонот, насилствата, пред оружјето. Дури и кога сè ќе стивне и кога ќе се вратат болката не се намалува од глетката пред урнатините.
„Сè што беше таму за да нè собере и да ни помогне да го обновиме основниот живот е исчезнато. Сега престојуваме во дупка, денес ќе спиеме на улица“, вели Махди Јасин, раселено лице од Џабалија.
Либанците од областите зафатени со воени дејствија се растргнати меѓу постојаните напади и прекини на огнот со Израел, постојано ги напуштаат, па се враќаат, а дел остануваат отсечени.
„Тие објавуваат прекин на огнот, а веќе следниот ден војната повторно започнува. Не ни е гајле за Америка или Иран. Она што ни е важно е либанскиот народ да може да живее во мир и безбедност. Откако дојдовме на овој свет и живееме во оваа земја, има војна на секои две години – на секои две години, уште една војна“, вели Бутрос Марун, сточар во Аин Ебел.
Надеж им даваат донациите од хуманитарните организации.
„Селата Аин Ебел, Дебел и Рамеш, многу страдаат. Тие се изолирани. Обезбедивме многу конвои со хуманитарна помош со храна, со хигиенски комплети, но и помош конкретно за земјоделците, за нивниот добиток“, изјави Омаима Фарах, портпарол на Малтешкиот ред, Либан.
Други кои штотуку се вратија повторно ги напуштија домовите упатувајќи се кон Сидон.
„Авионите се над нашите глави, од областа Тир, Чехабије сме, само бомбардираат“, рече Хамза Ал-Дака, жител на Јужен Либан.
А светот од петни жили се бори да ги заштити и да им обезбеди достојни услови на сите оние кои се далеку од своето огниште.
„Сè додека сите не се безбедни“ е главната тема на ОН. Генералниот секретар Антонио Гутереш порача: „Солидарноста мора да биде повеќе од зборови. Таа мора да значи поголема хуманитарна и развојна помош. Бегалците не бараат милост туку шанса да живеат во безбедност и во достоинство“.
И да, светот мора да создаде подобри услови за сите каде и да се дотолку повеќе ако се знае дека 40 проценти од бегалците се деца.
Фиљана Кока
