Расте бројот на заболени

19.08.2026 15:55

Бројот на заболени од западнонилска треска во земјава се зголеми на 38, откако за само една недела вирусот е потврден кај 12 пациенти.

Епидемијата на западнонилска треска е во нагорна линија. За само една недела вирусот е потврден кај 12 пациенти. Досега заболеле 38-мина, за двајца од нив се чека лабораториска потврда. Епидемиолозите објаснуваат дека и покрај прскањето против комарци, периодично се појавуваат вакви епидемии. Доминира возрасната група над 60 години, но не се исклучок помладите. Засега вирусот не е потврден кај деца.

„Појавата на резистентност на едно хемиско средство не значи дека тоа треба да се изземе од употреба бидејќи не сите комарци се резистентни на тоа средство, од друга страна не можете да прскате до бескрај. Треба сите мерки да се применуваат истовремено и пак ќе направите сè и пак нема да избегнете епидемиски бран. Грижата на родителите кон децата е малку поголема отколку грижата на возрасните па можеби таа употреба на репелентни средства кај помалите придонесува, досега немаме регистрирано случаи“, изјави д-р Марија Гочева – епидемиолог од Центар за јавно здравје – Скопје.

Здравствените власти преку СМС пораки ќе им даваат насоки на жителите од загрозените подрачја како да се заштитат. В петок министерот Клековски со претставници на локалната самоуправа ќе прават план за прскање на застојаните води кои се сметаат за жариште за размножување на комарците.

„Во меѓувреме можат да апелирам општините да си ги проверат хидрантите и другата водоводна опрема, од една страна има потреба да се наводнува, но мора да пазиме тоа наводнување да биде без создавање на нови водни површини. Ќе го имаме планот и ќе продолжиме со активностите“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат направи контроли во општините, освен Студеничани, другите навреме спровеле дезинсекција против ларви и комарци. Здравствените власти велат дека се прска со средства одобрени од светската здравствена организација.

Годинава од западнонилска треска заболеа 38 граѓани, 15-тина се излекувани. Поради зголемениот број инфицирани, здравствените власти прогласија епидемија во пет скопски општини.

Андријана Ѓурческа