Октомври во Кинотека со филмски јубилеи и ретроспективи
Меѓу јубилејните филмови се „До победата и неа“ на Живорад Жика Митровиќ, кој одбележува 60 години, „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица и „Црно семе“ на Кирил Ценевски – по 55 години, како и „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо – 50 години од создавањето.

Филмот како паметење, историја и сведоштво е во фокусот на октомвриската програма на Кинотеката на Македонија. Програмата носи повеќе филмски јубилеи, преку кои публиката ќе има можност повторно да ги погледне делата што оставиле значаен белег во македонската кинематографија.
Меѓу јубилејните филмови се „До победата и неа“ на Живорад Жика Митровиќ, кој одбележува 60 години, „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица и „Црно семе“ на Кирил Ценевски – по 55 години, како и „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо – 50 години од создавањето.
На програмата се и филмовите на Столе Попов „Црвениот коњ“, кој одбележува 45 години, „Среќна нова ’49“ – 40 години и „Тетовирање“ – 35 години. Ќе бидат прикажани и „Прашина“ на Милчо Манчевски и „Одмазда“ на Јан Хинтенс, кои одбележуваат 25 години, како и „Самоуништување“ на Ербил Алтанеј – 30 години.
Десетгодишни јубилеи од премиерите одбележуваат „Ослободувањето на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија, „Златна петорка“ на Горан Тренчовски и „Џган“ на Вардан Тозија. Во програмата се и „Ова не е американски филм“ и „Панкот не е мртов“, кои одбележуваат 15 години.
Посебен омаж е посветен на Атанас Ацо Петровски, еден од пионерите на македонската кинематографија и прв директор на Кинотеката на Македонија. По повод 25 години од неговата смрт ќе бидат прикажани неговите документарни филмови „Велигденски обичаи“, „Галичка свадба“ и „Дервиши“.
Во октомвриската програма се и „Солунските атентатори“, „Мирно лето“ и „Како лош сон“, а покрај македонската јубилејна линија, ќе има и Денови на кинескиот филм, како и швајцарска, француска и германска филмска програма.
Од Кинотеката посочуваат дека преку јубилеите се отвора простор за повторно гледање на филмовите и нивно согледување во контекстот на времето во кое настанале, но и од перспектива на денешната публика.
