Јасен патоказ кон ЕУ
На шефицата на европската комисија Фон дер Лајен, во Скопје ќе ѝ биде упатена порака дека е нужно ЕУ да се вклучи во разговорите со Софија за да има некаков напредок.

Пред балканската турнеја на шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен, во Скопје ќе ѝ биде упатена порака дека е нужно ЕУ да се вклучи во разговорите со Софија за да има некаков напредок, оти Македонија нема да влезе во процес без јасна претстава за неговиот крај, нема да направи уставни промени ако нема гаранции дека евроинтегративниот пат постојано ќе се менува со нови билатерални услови, дециден е премиерот Мицкоски. Особено што Софија одбива посредништво на ЕУ, оти така ќе признае дека се работи за билатерален спор.
„Согласно преговарачката рамка и одлуката Комисијата да го следи напредокот, треба да предложи механизам како ќе известува за истата и во таа смисла го гледам посредништвото на Комисијата, оти најконтроверзните точки на билатералниот спор со Бугарија на некој начин се внесени токму преку тоа во преговарачката рамка. Комисијата да предложи некој механизам, методологија како истата ќе следи, што би подразбирало присуство на некој претставник на Комисијата или на земја-членка којашто би можела да биде навлезена дали се злоупотребуваат или не Копенхашките критериуми“, вели аналитичарот Марко Трошановски.
Пред објавувањето на новиот документ за проширување, Австрија ги собра лидерите од Западниот Балкан на кои ќе се разгледаат новите начела. Постепена интеграција во ЕУ пред членство, но и преговорите да не станат постојана чекална без рокови. Се очекува и Фон дер Лајен за време на посетите на Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија да ја претстави новата стратегија за проширување и да даде оценка за сработените реформи поддржани со Планот за раст, како и кои 4 кандидатки најмногу ќе профитираат од наредното финансирање на реформите.
„Тоа е нов модел на проширување кој подразбира, како што и неколку нон-пејпери што излегоа, вклучувајќи го и германско-францускиот и оние земји предводени од Австрија, пријатели на Балканот, подразбира етапна постепена интеграција преку исполнување на одредени критериуми како се затвораат кластерите и поглавјата. И оние роуд-мапи што ги најавија за Албанија и Црна Гора со конкретни датуми кога и што ќе биде затворено. Би било одлично доколку таков патоказ се даде и за Македонија при оваа посета и на некој начин се реализира што земјите пријатели на проширувањето сакаат да го постигнат, а тоа е да се одблокира од билатерални спорови процесот на проширување и се ослободи од заложништвото од ветата“, додава Трошановски.
Неизвесно е дали ЕУ ќе го промени начинот на носење одлуки од едногласно во квалификувано мнозинство, што ќе ја забрза интеграцијата на сите кандидатки, вклучувајќи ја и Македонија.
Ирина Гелевска
