Македонско-турски бизнис форум

Раздолжувањето кон ММФ ја прави Македонија уште поатрактивна!

19.03.2015 16:32

Интересот кај турските бизнисмени за Македонија се зголемува затоа што нејзината економија постојано расте, вели претседателот на Асоцијацијата на идустријалци од Коџаели, Бариш Арад. Атрактивноста е зголемена меѓудругото и поради предвременото раздолжување кон ММФ...

Четирите бизнис- форуми ја раздвижија трговската размена меѓу Македонија и Турција. Само лани таа е зголемена за 14,35% и надмина 441 милион долари. Досега турските компании најмногу инвестираа во земјава во градежништвото, текстилната и металската индустрија, транспортот и банкарството. Сега, бизнисмените од двете земји посакуваат заеднички настап на трети пазари. 

„Создадени се и реални предуслови за заеднички настап на македонските и на турските компании на пазарите на ЕУ, но исто така и на пазарите на северна Африка и на Блискиот Исток“, изјави Елена Милевска– Штрбевска, Стопанска комора на Македонија.

Интересот кај турските бизнисмени за Македонија се зголемува затоа што нејзината економија постојано расте, вели претседателот на Асоцијацијата на идустријалци од Коџаели, Бариш Арад. Атрактивноста е зголемена меѓудругото и поради предвременото раздолжување кон ММФ, што подразбира и зголемен прилив на странски инвеститори.

„И ние видовме кога целосно го исплативме долгот кон ММФ, тогаш и почнаа да доаѓаат инвестициите. Претпоставувам дека и во Македонија ќе се случи истото. Затоа, заедно со македонските бизнисмени сакаме да дојдеме до дел од тој колач“, нагласи Бариш Арад, претседател на Асоцијацијата на индустријалци и бизнисмени „Баршсијад“ од Коџаели, Турција.

На првиот бизнис-форум годинава учествуваат 15 македонски, и исто толку турски компании од градежната индустрија, металската, индустријата за пластични производи и услужниот сектор.

Областа околу Коџаели е меѓу најразвиените во Турција и учествува со 13% во вкупниот извоз.

 

Свето Николовски