Туларемија: Се преземаат сите мерки против ширење на болеста

20.03.2015 16:26

Во последните 24 часа се регистрирани четири нови случаи на заболени од туларемија. Лозово е општина со најмногу заразени. Десет од вкупно 23. Министерот тодоров беше во каратманово. Таму наделжните преземаат мерки за спречување на можното ширење на болеста во другите делови од државата...

За 24 часа, четири нови заболени од туларемија. Сега бројката на болни е 23. Од нив 10 се во општина Лозово, место во кое од вчера надлежните прогласија епидемија. Се превземаат сите мерки да се спречи ширење на болеста.

„Наместо два пати во текот на неделата, доаѓаат секој ден и заедно со луѓето од ова населено место да помогнат во чистење, затоа што најдобра почва за пренесување на оваа бактерија е преку глодарите“, вели министерот за здравство, Никола Тодоров.

Во село Каратманово петмина се заболени од оваа болест. Жителите се плашат за сопственото и здравјето на своите деца.

„Се врши дезинфекција, дератизација на самото село и очекуваме да има подобрување“, велат жителите на селото.

Нема место за паника, велат надлежните. Поголема лична хигена е најдобрата превентива.

„Луѓето кога го пеглаат тутунот, сигурно имало некој глодар со бактерија и тука настанало пренесувањето. Нема место за паника“, вели заменик градоначалникот на Лозово, Коста Штериов.

„Проблемот е ако акутно останале остатоци од глодари, во неколку часа тоа е инфективно“, вели д-р Флорентина Шурбевска Ристивска, директор на Центар за јавно здравје- Велес.

Туларемијата е болест која веќе една година е присутна во земјите од регионот. По 15 години повторно се појавува и во нашата држава.

 

Дијана Иванова