Да се зачува трската на струшкото крајбрежје!

04.04.2015 13:32

Денеска граѓаните на Охрид и на Струга го чистеа крајбрежјето од шут и отпад, но една повеќегодишна појава никако да престане да се практикува. Тоа е палењето на трската крај самиот брег, со што се уништува биодиверзитетот и природните живеалишта на птиците и на рибите.

Дури и на денот кога е предвидено чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро, граѓаните во Струга  се сведоци на повеќегодишното палење на водната трска на брегот . Освен што се уништува трската, овде се фрла  градежен шут и се оградува  простор за сопствена  плажа. Граѓаните велат ,ова се прави со нечија дозвола.

„По се изгледа тоа е. Еве навака некој има нешто направено, еве овде друг некој планира. На диво го прават тоа, веројатно и со нечиј амин“, велат стружани.

Со сличен став и од градскиот музеј во Струга кој досега неколку пати побарал помош од Министерството за Внатрешни работи, музејот во Охрид и Министерството за транспорт и врски. Моменталната состојба е критична и се е во рацете на совеста на граѓаните.

„Оставено е повеќе на совест на граѓаните, односно на сопствениците на ова земјиште што се наоѓа таму. Не ми е јасно и логично кој може да го пали тоа ако не споствениците со некојам намена понатаму нешто да превземат или изградат на тоа место“, вели в.д. директорот на струшкиот музеј „Д-р. Никола Незлобински“ од Струга, Никола Евров.

Со префрлањето на ингеренциите од страна на Министерството за транспорт и врски спрема локалната самоуправа во Струга, се создаде општ хаос со  крајбрежјето. Од општината молчат и не сакаат да ги коментираат ваквите појави. Локалната самоуправа или не сака или е немоќна да се справи со овој горчлив проблем.

Јованчо Наумоски