Груевски: СДСМ го потцени македонскиот народ

04.04.2015 18:01

Тоа што опозицијата го направи е велепредавство порача лидерот на владеачката партија на партискиот собир во Тетово. Со лаги, манипулации, гнев и омраза се брука државата и се прави штета на безбедносните институции. Груевски рече дека нема да дозволи да се расипе соработката со Кина и со Израел, ниту Македонија да биде вовлечена во мрачните сценарија на СДСМ...

Го потценија нашиот народ и тоа им е најголемото промашување во нивното мрачно сценарио, изјави од собирот во Tетово, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Народот ја препозна валканата игра на опозицијата и тоа на Заев и неговите ќе им се врати како жесток бумеранг – додаде лидерот на владејачката партија. Одбраа погрешен пат да ја продадат душата на некого против државните интереси, но народот е помудар од Заев и неговата група, рече Груевски. Ова не е битка на живот и смрт како што сакаат да претстават, туку битка на понуди и ние ќе победиме- истакна тој.

Тоа што опозицијата го направи пред неколку дена е рамно на велепредавство, смета Груевски, бидејќи се обиделе да нанесат штета на безбедносните институции и да ја уништат соработката и партнерството со Кина и Израел кои години наназад ни помагаат, смета Груевски. Тој посочи дека со двете држави ќе продолжи соработката и проектите на сите полиња.

Опозицијата со мрачните игри успеа да направи дополнителна мотивација, да создаваме уште повеќе проекти со кои ќе ги решаваме проблемите на граѓаните. Нема да дозволиме, порача претсетелот на ВМРО-ДПМНЕ, да не вовлечете во вашите сценарија, затоа што ќе одговориме со многу работа со која ќе ја оправдаме подршката која ни ја дава народот.

 

Миле А. Ристески