За четири дена, две жртви во сообраќајни несреќи

04.04.2015 18:07

26-годишниот возач кој синоќа прегази девојка кај Универзална Сала ќе се брани од слобода. Се предал сам во полициската станица во Ѓорче Петров. Движејќи се по булеварот Партизански Одреди во правец кон Центар возел со 160 километри на час. Црната статистика станува уште поцрна...

Возачот на хондата којшто вчеравечер на пешачки премин кај Универзална усмрти 20 годишна тинејџерка, по распитот во полициска станица е пуштен да се брани на слобода. Возачот најпрвин избегал, но подоцна сам се пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров. Околностите под кои се случила сообраќајната несреќа сеуште не се докрај разјаснети. Очевидци тврделе дека возилото се движело со огромна брзина, но од полицијата посочуваат дека овој податок дополнително ќе се проверува.

Според истрагата, возачот не бил задржан во притвор бидејќи таква наредба не била издадена од Јавен обвинител. Против осомничениот полицијата ќе поднесе пријава по завршување на вештачењето. Ќе се испитува дали 26 годишниот возач бил под дејство на алкохол или наркотици и дали возилото било технички исправно. Телото на 19 годишната студентка од Крива Паланка е дадено на обдукција.

Во услови кога максималната брзина во град е 60, односно според најновите прописи 50 километри на час, ова е втора жртва на скопските булевари за четири дена. Кај Олимписки момче со мотор удри во 79-годишник додека ја минувал улицата.

Свежи се сеќавањата и на несреќата кај Католичкиот храм во Скопје кога пред 5 месеци при голема брзина беше прегазен 16-годишен жител на Скопје. И според статистиката на МВР, брзото возење е меѓу најбројните нарушувања на сообраќајната безбедност. Лани се регистрирани околу 14 илјади прекршоци.

Андријана Атанасовска