Подводната мисија на Охридското Езеро ја мина Македонско- албанската граница
Нуркачкиот подвиг на познатиот охридски нуркач, Милутин Секулоски-Миќо се одвива според планираното. Вчера тој ја мина езерската граница помеѓу Република Македонија и Република Албанија во струшкиот дел од езерото, каде беше дочекан од неговите албански колеги...

Подводната авантура на Милутин Секулоски-Миќо продолжува. Во текот на вчерашниот ден на езерската граница со Албанија тој беше дочекан од неговите албански колеги од Нуркачкиот клуб „Драгој“,по што продолжи со подводниот маратон. И покрај неповолните временски услови, со температура на водата помеѓу 7 и 8 степени и слабата видливост во езерото,досега најголемиот нуркачки подвиг во светот се одвива според планираното. Од планираните 80 километри и 322 метри Секулоски досега пренуркал околу 30 километри.
„Денеска сме на границата помеѓу Република Македонија и Република Албанија .Го направивме првото нуркање на албанска територија и се надеваме дека од утре со помош на Нуркачкиот клуб „Драгој“ од Поградец ќе продолжиме на територијата на Албанија да го завршиме подводното фотографирање и снимање на овој дел“, изјави Милутин Секулоски-Миќо, меѓународен нуркачки инструктор.
Албанските нуркачи очекуваат со помош на Секулоски да откријат интересни нешта во нивниот дел од езерото и да ги потврдат претпоставките дека и на албанска страна имало праисториски наколни населби како онаа кај Градиште.
„Благодарение на проектот денеска влеговме во албанските води, видовме многу интересни нешта и се надеваме дека се ќе оди добро понатака“, изјави Енрик Мато-нуркач од Албанија.
Во текот на подводната експедиција на албанска страна се очекува да се откријат локациите каде што се наоѓаат големи количини на муниција која била фрлена во езерото во текот на Втората светска војна и немирите што ја зафатија Албанија во 1997 година.
Сашо Нелоски
