Кривични пријави за шестмината учесници во физичката и огнената пресметка во Охрид
Пријавени се за насилство, предизвикување општа опасност, напад на овластено службено лице и за недозволено изработување и тргување со оружје. Судијата во претходна постапка одреди мерка притвор од 30 дена за осумнаесетгодишник, учесник во тепачката...

Полицијата поднесе кривични пријави против шест лица кои вчера во утринските часови учествуваа во физичката и огнената пресметка во Охрид. Пријавени се за насилство, предизвикување општа опасност, напад на овластено службено лице и за недозволено изработување и тргување со оружје. Судијата во претходна постапка одреди мерка притвор од 30 дена за осумнаесетгодишник, учесник во тепачката.
Инцидентот, според МВР почнал околу еден по полноќ, во угостителскиот објект на булеварот „Македонски Просветители“.
Четворица од пријавените почнале вербална расправија што прераснала во физичка пресметка. По кратко време пристигнале уште две лица, од кои едното било родител на 18- годишното момче.
Тие се упатиле кон улицата „Лазо Трпоски“ кон лице кое учествувало во тепачката и кадешто 18-годишникот од пиштол, кон куќата испукал неколку куршуми.
На враќање, во општата болница родителот на момчето го нападнал родителот на другото лице, учесник во инцидентот. Притоа бил повреден и полицискиот службеник при обидот да ја запре тепачката во болницата.
