Сет мерки за поголема конкурентност на бизнис секторот
Со сет од 32 мерки ќе се јакне конкурентноста на бизнис секторот во земјава. Од олеснување на работењето на малите и средни фирми и зголемена ликвидност, преку поддршка за големите компании, до потесни врски со странските фирми – новите решенија ќе се спроведуваат во соработка со бизнисмените и науката...

Олеснување на работата на претпријатија преку намалување на трошоците, подобрување на ликвидноста, соработка на домашните со странските компании. Владата и Националниот совет за претприемништво и конкурентност го усвоија патетот мерки за поголема конкурентноста на бизнис секторот.
Мастер планот содржи 32 мерки поделени во 9 области. Сетот мерки вклучува и формирање фонд за развој на вештини во насока на унапредување на продуктивноста на работната сила. Според вицепремиерот Пешевски ова е еден од најзначајните процеси на дијалог меѓу Владата и деловната заедницата што ќе овозможи долгорочен и одржлив економски развој.
„Ваквиот начин на работа се покажа како многу успешен и ефикасен. Затоа продолжуваме преку дијалог со бизнис секторот, отвореност и соработка, заеднички да изнаоѓаме решенија за унапредување на работата на компаниите, но и заеднички да ги спроведуваме“, истакна вицепермиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Владата прифатила над 90 отсто од предложената програма на Советот. Коморите ќе бидат вклучени во реализацијата на 26 од вкупно 32-те усвоени мерки за поголема конкурентност. Нивното спроведување ќе биде во точно утврдени рокови.
„Подобрување на ликвидноста на компаниите, развој на повеќе финансиски поддршки не само на малите и средните, туку и на големите фирми, нивно секторско поврзување и поддршка за настап на други пазари, заеднички со повеќе институции не само од земјата, туку и од странство“, нагласи извршниот директор на Стопанската комора на Македонија Јелисавета Георгиевска.
Пакетот содржи и мерки за поддршка на големите домашни компании и изработување модел за поттикнување на гринфилд инвестиците, унапредување на квалитетот на патната инфраструктура и железничкиот транспорт, заштитата на правата од интелектуална сопственост. Во делот на образованието ќе се формирааат слободни економски зони за истражување и развој за домашни и странски компании, а предвидени се и стимулативни мерки за изучување на дефицитарни струки и поддршка за најдобрите студенти.
Сунчица Николоска
