Чешките власти предлагаат забрзано воведување на еврото
Предлагаат одредување рок за прифаќање на заедничката евро- валута и постепено создавање услови за нејзино воведување. Претседателот Земан е долгогодишен приврзаник на идеата за што побрз влез на Чешка во еврозоната, што според него, може да се реализира за две до три години...

Чешкиот државен врв предлага забрзување на воведувањето на еврото и интензивирање на јавната дебата. Оваа заедничка порака ја испратија премиерот Бохуслав Соботка и претседателот Милош Земан, кои сметаат дека 2020 година е најреален датум за влегување во еврозоната, со што не се согласуваат коалициските партнери.
Тие предлагаат одредување рок за прифаќање на заедничката евро- валута и постепено создавање услови за нејзино воведување. Претседателот Земан е долгогодишен приврзаник на идеата за што побрз влез на Чешка во еврозоната, што според него, може да се реализира за две до три години.
Против брзото воведување на еврото во оптек е Чешката национална банка, која смета дека проблем е несигурната состојба во еврозоната иако земјата исполнува 3 од четирите Мастришки критериуми.
Анкетите покажуваат дека 47 проценти од граѓаните се изјасниле против воведување на еврото.
Свето Николовски
