Инвестиции

За еден месец „Техникал текстил“ стартува со производство

14.04.2015 16:46

Над 10 милиони евра инвестиција и 1.000 вработувања. Германски „Техникал текстил“ стави потпис на договорот за фабриката во Штип. Во мај стартуваат со производство за индустрискиот пазар...

За еден месец во индустриската зона во Штип, германската компанија „Техникал текстил“ почнува со производство. Се очекува во мај да финишира изградбата на фабриката. Компанијата ќе вработи 1.000 луѓе. 50 се веќе на обука, а 300 до 400 ќе бидат вработени во наредниот период. Сопственикот на „Техникал текстил“ и директорот на ТИРЗ го потпишаа договорот за реализација на инвестицијата, вредна над 10 милиони евра.

„Ние сме среќни што го потпишавме договорот за реализација на инвестицијата и сакаме да почнеме што е можно поскоро со инвестицијата во Штип. Ќе се произведува фиберглас за бродката индустрија и за производство на енергија од ветер“, изјави Јенс Венгланд, сопственик на „Техникал текстил“.

Подобрите услови за бизнис што ги нуди Македонија биле причината поради која Јенс одлучил да инвестира во земјава. Првично размислувал да вложи во Абу Даби, но,  рекламата од кампањата „Инвестирај во Македонија“ која ја видел во авионот додека патувал кон Емиратите ја сменила неговата одлука.

„Минатата година на почетокот на мај се официјализира неговата инвестиција, што значи дека во период од 12 месеци ќе имаме функционална фабрика, која веќе ќе произведува и извезува од Македонија. Се работи за инвестиција од над 10 милиони евра“, изјави Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.

Фабриката во Штип ќе се простира на 13.000 метри квадратни и ќе биде иста како и фабриката  во Словачка. Ќе се произведува специјална пластика за повеќе индустрии.

Во првата година е планиран извоз до 30 милиони евра, а таа бројка се очекува во наредните 2-3 години да се дуплира. Прв сосед на „Техникал текстил“ во индустриската зона во Штип е „Џонсон Контролс“.

 

Дијана Ценевска