Случај „Пуч“: Институциите ќе го дадат последниот збор
Очигледен е немирот кој го чувствува Зоран Заев од кривичното дело со кое се соочува, па затоа се обидува да креира реалност која не кореспондира со фактичката состојба - вели министерката за внатрешни работи Јанкулоска. Според неа, лицемерно е за слобода и правда да зборува човек кој изјавувал дека кога ќе дојде на власт ќе применува најсурови методи кон неистомислениците...

„Зоран Заев се обидува со креирани и монтирани материјали, стекнати на незаконски начин преку правење кривично дело да креира реалност која не кореспондира со фактичката состојба“, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Според неа, институциите ќе го дадат последниот збор.
„Очигледен е неговиот немир кој најверојатно го чувствува од кривичното дело со кое се соочува и кое му се става на товар. Постапката добива на правен тек , надлежните институции ќе го дадат последниот збор“, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Јанкулоска вели дека Заев е крајно лицемерен кога зборува за слободата , демократијата и правдата, потсетувајќи на негови изјави – што ќе прави СДСМ кога ќе дојде на власт.
„Крајно лицемерно е личност како Зоран Заев со целиот негов багаж и хипотеки во делот на прекршувањето на правото, неговата аболиција и целото негово досие, да зборува за слобода, за демократија, за правда и за однос кон граѓаните. Тој е човекот кој јавно кажал дека СДСМ кога ќе дојде на власт ќе применува најсурови методи кон неистомислениците, а јавноста е сведок на тие негови изјави“, додава министерката Јанкулоска.
Министерката за внатрешни работи вели дека институциите надлежни за спроведување на законот имаат капацитет за тоа и никогаш нема да се стават во функција на која било политичка партија и да служат како алатка за постигнување дневно-политички цели.
Наташа Гркова- Петрушевска
