Нови можности за развој на винскиот туризам

16.04.2015 12:21

Се повеќе се отвораат можности за развојот на винскиот туризам во државава. Вардарскиот плански регион со странска поддршка претендира да го заземе водечкото место...

Винскиот туризам во Македонија фаќа чекор со регионалниот. Вардарскиот плански регион со желба да биде водечки во Државата. Во Демир Капија ќе се гради објект во кој ќе се дегустира и продаваат вински производи, а ќе биде сместен и Центарот за промоција и продажба на туристички пакети.

„Овој проект опфаќа пет хектари, а самиот објект ќе биде изграден на еден хектар. И тоа ќе претставува еден новитет не само во нашиот регион, туку и во целата Македонија“, изјави Славчо Чадиев, Претседател на Центар за развој на Вардарскиот плански регион.

Средствата за реализација на овој проект, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион ги обезбеди од Германската програма за регионален развој.

„Центарот за развој на Вардарскиот плански регион поднесе проектна апликација од регионално значење, која имаше поддршка од Советот за развој на овој регион. Финансиските средства кои ги добивме се во висина од 1.839.000 денари“, изјави Марко Колев, Раководител на Центар за развој на Вардарски плански регион.

Тиквешкиот регион со години наназад ја негува традицијата за одгледување на винова лоза и производство на вино. Постојат повеќе од 70 винарници, а дел од нив имаат простор за дегустација и туристички активности.

„Правиме напори за развој на туризмнот, тоа е изградба на инфраструктура во овој дел за да можат многу туристи да дојдат во Кавадарци за да дегустираат  вино и да прошетаат низ културно историските споменици“, вели Александар Панов, градоначалник на Кавадарци.

Покрај винариите од Вардрскиот регион, во реализацијата на проектот за развој на македонскиот винскиот туризам ќе бидат вклучени и винарии од францускиот регион Алзас.

 

Дијана Иванова