Регионална конференција за вработување и социјална инклузија
На дводневната регионална конференција за вработување и социјална инклузија, учествуваат стотина креатори на политики и експерти од Југоисточна Европа и од Турција...

Како до создавање нови работни места и поттикнување на еднаквост и просперитет? Како да се реши кризата со невработеноста во регионот и да се стимулира економски раст? На дводневната регионална конференција за вработување и социјална инклузија, учествуваат стотина креатори на политики и експерти од Југоисточна Европа и од Турција.
Фактот дека од 2007 година до 2014 година преку мерките за вработување од оперативните планови се вработиле над 36.500 лица, што во македонски услови претставува сериозна бројка, говори дека таквиот пристап во справувањето со невработеноста е целосно оправдан, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, додавајќи дека за годинава е усвоен нов оперативен план со кој се очекуваат нови 8.200 вработувања.
Тој нагласи дека намалувањето на невработеноста е врвен приоритет на Владата и во таа насока ја спомена мерката за вработување на млади до 29 години со која за нешто повеќе од една година се вработени приближно 8.000 лица.
Според Џихан Султаноглу, помошник генерален секретар на Обединетите нации и регионален директор на УНДП за Европа, просечните нивоа на невработеност во земјите од Западен Балкан се над 20 проценти, а стапките на вработеност генерално изнесуваат 43 проценти што претставува најнизок удел од каде било во светот.
