Регионална конференција

Создавање работни места за еднаквост и просперитет!

16.04.2015 15:13

Во регионот просечните нивоа на невработеност се над 20 проценти, а во некои од земјите речиси половина од младите се без работа. Потребни се заеднички напори за отворање нови работни места, нови и смели политики на државите за да се смени сликата за регионот...

Создавањето на економски раст богат со работни места е клучот за бришење на прекарот што Западен Балкан го носи како „сиромашна периферија“ на Европа. Во регионот просечните нивоа на невработеност се над 20 проценти, а во некои од земјите речиси половина од младите се без работа. Потребни се заеднички напори за отворање нови работни места, нови и смели политики  на државите за да се смени сликата за регионот.

„Креаторите на политиките од целиот регион, се обидуваат да креираат повеќе и подобри работни места на најразлични начини. Препознаенаа многу слабости на кои е работено, а деловното опкружување е убаво наштимано во обидите за привлекување на инвестиции“, изјави Џихан Султаноглу, регионален директор на УНДП за Европа.

Намалувањето на невработеноста е врвен приоритет за македонската влада, а земјава е на вистинскиот пат кога е во прашање справувањето со овој проблем. За една деценија невработеноста од 40 проценти е намалена на 27,6 отсто. Резултати даваат и активните мерки за вработување од 2007-та до сега до работно место дошле над 36 илјади лица.

„Во 2015 година, го усвоивме новиот оперативен план во кој сега се вклучени услугите на пазарот на трудот и со кој се очкуваат нови 8.200 вработувања. Посебен акцент се става на младите, невработени лица и ќе се настојува да се постигне стапка на нивно учество од најмалку 30 проценти“, нагласи Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Според Горан Свилановиќ, генералниот секретар на Советот за регионална соработка создавањето на работни места бара одржлива макроекономска политика, поволна клима за инвестиции, силен човечки капитал и подобрени претприемачки вештини.

„Создавањето на работни места бара кохерентни и координирани политики за создавање на економски раст и инклузивни работни места“, смета Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка.

Лани како резултат на партнерствотео меѓу УНДП, Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување биле генерирани 12,5 проценти од новите работни места во приватниот сектор и 14 отсто од новорегистрираните претпријатија.

 

Сунчица Николоска