Хојт Ји: Опозицијата да се врати во Собранието, одговорно однесување од сите страни

17.04.2015 16:04

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји ги повтори вчерашните ставови. Од Заев побарал да се однесува конструктивно, опозицијата да се врати во Собранието, а Владата целосно да го истражи случајот за наводите за злоупотреба и корупција...

И по денешната средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, заменик-помошникот државен секретар за Европа и Азија, Хојт Брајан Ји ги повтори вчерашните ставови. Од Заев побарал да се однесува конструктивно, опозицијата да се врати во Собранието, а Владата целосно да го истражи случајот за наводите за злоупотреба и корупција.

Заев го повторил ставот за формирање преодна влада и за одржување фер и демократски избори. Како што се наведува во партиското соопштение, тој изразил очекување од пријателите на Македонија за поактивно вклучување за изнаоѓање решение за политичката криза.

Евроатлантските интеграции мора да бидат примарна цел и за владата и за опозицијата, изјави американскиот дипломат по средбата со челниците на СДСМ. Повика на одговорно однесување од сите страни.

„Исто така веруваме, како што му објаснив на Заев дека е важно во секоја демократија опозицијата да ја одигра својата улога според  демократските правила и целосно да партиципира во работата на институциите како што е Собранието. Побарав од Заев да најде начин да ја врати својата партија во парламентот и да ја одигра својата улога и во Собранието да и помогне на Македонија на патот кон евроатлантските аспирации“, нагласи Ји.

На средбата пак со министерот за одбрана Јолевски,разменети мислења за македонските евроатлантски интеграции. САД целосно го поддржува членството на Македонија во НАТО,истакнал Ји. Тоа е врвен приоритет и затоа продолжуваат активностите за исполнување на целта.

АРМ е целосно интероперабилна со армиите на земјите членки на Алијансата, што е потврдено и со учеството во мировните мисии, потенцирал Јолевски.

 

Милчо Велески