Отворен Центар за палијативна нега во Охрид
Првиот Центар за палијативна нега денеска е отворен во Охрид. Населението во Македонија старее и сите анализи посочуваат дека во земјата треба да се отвораат што поголем број вакви центри во кои ќе се негуваат тешко болните лица во завршните денови од животот за кои неможат да се грижат нивните семејста...

Во Општата болница во Охрид е отворен првиот Центар за палијативна нега. Тука ќе се згрижуваат терминално болни лица, односно тешко болни пациенти на крајот од својот животен век, чија нега во домашни услови е невозможна и премногу скапа.
„На овој начин ќе им се излезе во пресрет на поголем број семејства кои што се во исклучително лоша состоба, да треба да се грижат за нивните блиски што се во терминална фаза без за тоа да имаат соодветно искуство, знаење, вештина или да имаат сериозни финансиски трошоци“, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Палијативниот центар ќе биде од големо значење за охриѓани, а слични оддели ќе се отворат во што е можно повеќе градови во Македонија.
„Нашите анализи покажуваат дека ова се неопходни работи кои треба да се воведуваат бидеќи населението,посебно во Охрид знаеме дека старее“, изјави д-р Љубен Арнаудов-Директор на Општа болница- Охрид.
Министерот Тодоров рече дека со проектот „Наш специјалист“ ќе се премости проблемот од недостиг на кадри во охридската болница, со доаѓање на лекари од други здравствени центри. Инаку во оваа здравствена установа веќе се вработени 19 лица од кои 10 се испратени на специјализација.
Сашо Нелоски
