Собир на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп: СДСМ го потценија својот народ!
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од собирот во Прилеп со порака до првиот човек на СДСМ, Зоран Заев да престане со тешки зборови кои можат да доведат до граѓански конфликт. „Нема да дозволиме играње со безбедноста на државата“, рече Груевски. Како коментар за идеите за амнестија, тој го повтори ставот - прво правна, па политичка разрешница на ситуацијата...

„Немој да си играш со безбедноста на државата“ – оваа порака од собирот во Прилеп ја упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски до првиот човек на СДСМ, Зоран Заев кој во последните изјави најави можно радикализирање на состојбата.
Груевски вели дека со креирани материјали, Заев не може да ја добие поддршката од граѓаните кои точно знаат колку сторила сегашната влада за нив во изминатиов период. „Иако подвикнува и кажува дека не се плаши, во Заев се крие уплашен човек кому не му успеваат нарачките од неговите сценаристи“, рече Груевски.
Граѓаните знаат дека со вакво однесување СДСМ никогаш нема да биде алтернатива за ВМРО- ДПМНЕ, рече Груевски. Според него, не е ни чудо што опозицијата ништо не направила, освен што поставила основа за проблеми и конфликти што била и целта на нарачателите.
Не е ни чудо, посочи Груевски, што голем број претставници од меѓународната заедница веќе нескриено кажуваат дека Заев нема ниту елементарен капацитет ниту морален интегритет да биде лидер на опозицијата. Странците сакаат стабилна Македонија и посочуваат дека Заев прави огромна штета на државата.
„Граѓаните не може да се излажат, тие даваат и земаат мандат. Го реализираме тоа што сме го ветиле, а опозицијата се крие под темата демократија и слобода, бидејќи не оствари ниту еден проект“, заклучи тој.
Миле А. Ристески
