Владата најави нови проекти за Прилеп

18.04.2015 18:17

Владата најави нови мерки за работниците и за мајките. Оние, чии фирми пропаднале или се во стечај, ќе може да го откупат стажот и да го платат придонесот за пензиско и инавлидско осигурување по намалена стапка. На мајките кои ќе имаат над две деца, ќе им се продолжи периодот на платено породилно отсуство за да се овозоможи подолг период за грижа на децата...

Зголемување на платеното породилно отсуство од работа за мајките од сегашните 12 на 15 месеци, и право на откуп на стаж за работници кои работеле во фирми кои се пропаднати поради стечај или слични причини и кои подолго време не работат и постојат. Ова се двете нови мерки што ги најави премиерот Груевски. Според него ова се мерки кои народот ги побарал од Владата.

„Право на откуп на стаж за работници кои работеле во фирми кои се пропаднати поради стечај или слични причини и кои подолго време не работат и постојат. Со новите законски измени кои ќе следуваат, се предлага работниците од ваквите фирми да можат, досега неможеа, да си го платат придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за неплатени придонеси заклучно со 31.12.2008. Ќе има зголемување на платеното породилно отсуство од работа од сегашните 12 на 15 месеци, значи дополнителни 3 месеци, за мајките кои ќе родат 2, 3 или повеќе деца одеднаш, со цел да се овозможи мајката да има подолг период за грижа и развој на децата“, истакна Никола Груевски, премиер на Македонија.

Наскоро, во октомври во Прилеп ќе започне со работа американскиот гигант во автомобилската индустрија Гентерм кој со инвестиција од 20 милиони евра планира да вработи 2.000 луѓе. како и германската Акомпласт која ќе вработи 250 луѓе, а веќе започна со работа италијанската Буци и Буци која ќе вработи 50 луѓе на почеток. Премиерот Груевски истакна дека ќе се објави и оглас за закуп на државно земјиште, како и тоа дека ќе се субвенционира 50 проценти од трошоците на земјоделците кои сакаат да купат расен добиток.

„Да најавам дека  во месец мај ќе има објава на јавен оглас за доделување на државно земјоделско земјиште за закуп до 3 хектари за општините: Гази Баба, Кисела Вода, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Струга, Крива Паланка, Кочани, Свети Николе, Велес, Гевгелија и секако овде во Прилеп. Само во Прилеп вкупно ќе бидат распределени околу 800 хектари“, рече премиерот Груевски.

Секоја година Прилеп добива по 25 милиони евра само од субвенции за тутунот. Ова лето ќе започне и изградбата на експресниот пат Прилеп- Градско, со 4 ленти, инвестиција тешка 70 милиони евра. Во тек е изградбата на пречистителната станица во Прилеп, проект вреден околу 30 милиони евра. Оваа година ќе има реконструкција на повеќе локални патишта како и реконструкција на железничката станица. 

 

Дарко Штаргоски