ММФ: Македонија со континуиран економски раст
Инвестирањето во инфраструктурата и подобрувањето на пазарот на трудот придонесуваат за одржлив раст на македонската економија – заклучок на Меѓународниот моментарен фонд. Предупредуваат на ризици на кои треба да се внимава. Детали од пролетните средби на ММФ и Светската банка...

Странските инвестиции и спроведувањето на структурните реформи направија Македонија да има економија што бележи напредок и очекувањата дека оваа година ќе има 3,8 % економски раст се реални, изјави Фил Герсон од Европскиот оддел на Меѓународниот Монетарен Фонд за Македонската телевизија.
„Мислиме дека е реално од повеќе фактори. Како прво од големото инвестирање во инфраструктурата од страна на владата, подобрувањето на пазарот на трудот, намалувањето на цената на нафтата исто така помогна. Како последица на сите овие фактори гледаме одржлив раст на Македонија и раст од 3,8% оваа година. Но како и за секоја земја постојат ризици на кои треба да се внимава“, изјави Фил Герсон, департмент за Европа на Меѓународниот Монетарен Фонд.
Опаѓањето на цената на нафтата и вредноста на еврото во однос на американскиот долар уште повеќе ќе ја засили македонската економија, оценуваат од ММФ.
„Ова е нешто што ќе и помогне на Македонија да оди напред. Видовме дека намалувањето на еврото донесе генерално опоравување во еврозоната. Ова е од помош за Македонија, бидејќи македонската економија е поврзана со економијата во еврозоната и таму главно извезува. Гледаме опоравување на економијата во еврозоната што делумно се должи на ослабувањето на еврото, но ќе и помогне и на Македонија и натаму да оди напред“, нагласува Герсон.
Грција нема да излезе од еврозоната, но ќе мора да прифати реформи и договор со европските и меѓународните финансиери. Општа оценка на ММФ е дека економиите во Југоисточна Европа стагнираат. Романија, Бугарија, Србија, Косово и Босна и Херцеговина ќе имаат мал или негативен економски раст оваа година поради големите долгови и високиот процент на невработеност.
Меѓународниот Монетарен Фонд предвидува 1,5% економски раст за економиите во Западна Европа и стагнација во Југоисточна Европа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
