Стартуваше програмерскиот маратон „Коудфест“
Студенти по информатика од цела Македонија почнаа несекојдневен потфат. Во текот на 32 часа ќе можат да ги претстават своите креативни идеи, од кои дел ќе имаат своја реализација. На универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид започна програмерскиот маратон „Коудфест“...

Овде се креира иднината кога станува збор за информатичките науки. Тука младите луѓе се подготвуваат активно да се вклучат во изградбата на општеството на иднината, рекоа на отворањето на „Коудфест“, Асиф Раџа, генерален менаџер на компанијата „Мајндмејкер“ и поранешен вработен во „Ејпл“ и продукт менаџерот во Фејсбук, Ербил Караман. Тие своите искуства ќе им ги пренесат на учесниците за да ги избегнат грешките во работењето.
„Токму на ваквите манифестации се прават првите чекори до некои конкретни производи што ја менуваат иднината. Тука сум да им помогнам на македонските студенти,да ги мотивирам цврсто да застанат зад реализацијата на секоја креативна идеја“, изјави Асиф Раџа, генерален менаџер на „Мајнмејкер“.
„Ние како компанија се трудиме да ги реализираме своите идеи, да ги пронајдеме луѓето со идеи и да им помогнеме нивните замисли да се реализираат во реалноста“, нагласи Ербил Караман, продукт менаџер во Фејсбук.
Студентите во Охрид разработуваат идеи и креативни замисли до демо верзија на продукт.
„Сите проекти што се дел од натпреварот можам да кажам дека имаат голема апликабилност во општеството. Гледаме тоа да биде еден од критериумите врз основа на кои ќе ги избираме тимовите што учествуваат“, вели Јасна Тегоска, организациски тим на „Коудфест“.
За најдобрите екипи организаторите на „Коудфест“ обезбедија учество на светски познати натпреварувања, каде што ќе имаат шанса своите идеи да ги претстават пред поголем потенцијален пазар.
Сашо Нелоски
