Македонски парламентарци на сесија на ПССЕ во Стразбур
Меѓу главните теми за дискусија ќе бидат масовниот надзор, потребата да се почитуваат човековите права и меѓународното право, односно употребата на беспилотни летала и целните убиства, соопшти Собраниската прес-служба...

Пратеникот Александар Николоски во својство на шеф и Имер Алиу заменик-член, од денеска до 24 април во Стразбур, Франција, ќе учествуваат на редовната пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Меѓу главните теми за дискусија ќе бидат масовниот надзор, потребата да се почитуваат човековите права и меѓународното право, односно употребата на беспилотни летала и целните убиства, соопшти Собраниската прес-служба.
Пратениците ќе дебатираат и за хуманитарните последици од активностите на терористичката група „Исламска држава“ и дискриминацијата врз трансродовите луѓе во Европа, потоа законодавството и праксата кои се однесуваат на одземање на децата од нивните семејства во земјите-членки, а ќе се разгледува и пост-мониторинг дијалогот со Монако.
Во текот на 2015 година, по принципот на ротација на Република Македонија ѝ припаѓа едно од потпретседателските места во Парламентарното собрание, а според распоредот на априлската сесија се очекува шефот на македонската делегација, Александар Николоски да ја има честа да претседава со најстарата меѓународна организација во Европа.
