Економија

Македонската берза во слободен пад!

20.04.2015 16:01

Турбулентни времиња за македонскиот пазар со хартии од вредност. Берзата по првите три месеци е во длабока негатива. Како фактори за ваквиот тренд се наведуваат финансиските резултати на компаниите и нивната дивидендна политика, но свое влијание има и политиката...

Македонската берза е во слободен пад од почетокот на годинава. Првиот квартал е затворен со негатива на МБИ10 индексот од 4,8 проценти. Намалување има и кај дневниот промет и кај бројот на трансакции. Луѓето од фелата велат дека освен финансиските резултати на компаниите, свое влијание на ваквите движења имаат и политичките случувања.

„Има повеќе фактори за ваквите случувања. Прво, компаниите објавија полоши резултати од очекувањата на инвеститорите, а не можат да се апстрахираат и политичките случувања кои ги прават инвеститорите воздржани во овој период“, вели Горан Марковски, директор на друштво за управување со инвестициски фондови.

На пазарот недостасуваат странските инвеститори кои во минатото беа негов главен двигател, што резултира и значително намален промет.

„За три месеци вкупниот промет е нешто над 9 милиони евра, што претставува значително намалување. Ако се направи споредба со првиот квартал од минатата година,  прометот е двојно намален“, изјави Иван Штериев, директор на Македонската берза.

Логиката вели дека во услови кога паѓаат каматите на банкарските депозити, тргувањето со акции и со обврзници станува сè поатрактивно, но кај нас како да не важи и ова правило. Коренот на проблемите се лоцира во недоволниот материјал за тргување, но и во лошата дивидендна политика на дел од компаниите. 

„Се уште има компании кои не ја распределуваат дивидендата, иако за тоа има и одлука на Собрание на акционери“, вели Кирил Митровски, директор на брокерска куќа.

Според статистиката на Берзата, лани најмногу се тргувало со акциите на Комерцијална банка, Алкалоид, Макпетрол, Телеком и со акциите на Гранит.

 

Мартин Пушевски