Развој на агробизнисот: Ќе се доделува државно земјиште под закуп

20.04.2015 16:54

На новиот оглас што ќе излезе кон средината на мај, ќе можат да аплицираат за државно земјиште. Новиот проект за развиње на агробизнисот ќе ја заживее локалната економија...

По три хектари државно земјиште ќе доделува Владата под закуп за сите што сакаат да почнат агробизнис. Земјоделците ќе можат да аплицираат со сопствени програми на огласот што треба да излезе кон средината на мај.

Со овој проект што премиерот Груевски го промовираше на собирот во Прилеп ќе им се даде поголем мотив на семејните земјоделски стопанства да го развијат бизнисот, да се самовработат и на овој начин да обезбедат егистенција.

На земјоделците им се достапни неколку илјади хектари обработлива површина во 13 катастарски општини низ државава.

„Се дава опфат од некаде 80 до 90 проценти од територијата на нашата земја. Веројатно за одгледување на едногодишни насади периодот на закуп ќе изнесува 15 години, додека за одгледување на повеќегодишни насади, перидот би изнесувал и 30 години, период во кој идните земјоделци ќе можат да го развиваат својот бизнис“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Досега се склучени околу 9 илјади договори за државно земјиште под закуп. Новиот проект за развиње на агробизнисот ќе овозможи и заживување на локалната економија.

Идните земјоделци од година в година ќе можат да го прошируваат агробизнисот, а ќе се создадат и услови за намалување на невработеноста.

 

Сунчица Николоска