Пониски трошоци со зелена градба!

21.04.2015 16:04

Првичниот ефект се гледа во сериозното намалување на годишните сметки за струја и за вода. Почетната инвестиција ја зголемува цената за најмногу 1 до 5%, а вложеното експресно се враќа...

Домашните градежници користат енергетски високо ефикасни материјали, но се уште се на почеток на примената на зелената градба. Таа е светски тренд и значи одржлива и еколошка градба, која заштедува енергија и ја заштитува животната средина. Првичниот ефект се гледа во сериозното намалување на годишните сметки за струја и за вода. Почетната инвестиција ја зголемува цената за најмногу 1 до 5%, а вложеното експресно се враќа.

„Според светските статистики овие средства се враќаат уште во првата година од функционирање на објектот. Понатаму користа на компаниите и на граѓаните е значителна .Според светските статистики околу 30% заштеда на електрична енергија на годишно ниво и околу 40% заштеда на вода“, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојуз на стопански комори.

Промотор на зелената градба во земјава е Македонскиот совет кој за само 5 месеци од формирањето стана членка на Светската асоцијација во која има повеќе од 100 национални совети. Домашните фирми ќе имаат пристап до најновите трендови, технологии и материјали во градежништвото.

„Да се стекнуваат со нови знаења и посовршени техники во градежништвото кои што ќе влијаат позитивно врз животната средина“, изјави Сеад Кочанпретседател на Македонскиот совет за зелена градба.

Сојузот на стопански комори, заедно со Македонскиот совет за зелена градба и  Бизнис центарот на Скопскиот плански регион ги едуцира 17-те општини и градежните компании  да ги применуваат најновите светски трендови.

Тие бараат користење енергетски ефикасни градежни материјали од природно потекло, рационално користење на градежното земјиште и на водните ресурси, рециклирање  и користење обновливи извори на енергија.

 

Свето Николовски