Невладини организации со стратегија против загадување на Охридското Езеро

21.04.2015 16:12

Со цел да се сочуваат и правилно да се користат ресурсите со кои располага регионот околу Охридското Езеро, невладините организации „Локална агенција за развој“ од Струга и „Еуропартнерс дивелопмент“ од Тирана изработија стратегија која ќе биде дадена на располагање на надлежните институции од двете земји. Стратегијата ги посочува црните точки кои најмногу влијаат врз загадувањето на Охридското Езеро и неговата околина...

Местата каде што се испуштаат отпадните и фекалните води во Охридското Езеро од македонска и албанска страна се најжешките еколошки точки. Но,еколозите предупредуваат дека ништо помалку не е опасна прекумерната употреба на минерални ѓубрива и пестициди на земјоделските површини, при што езерото се оптоварува со фосфор, чија штетност ќе биде уште повидлива по дваесеттина години.

„Се разбира дека ова ќе биде само иницијална каписла за соработка. Ова да допре до надлежните органи во двете земји, за са се преземат конкретни чекори. Неопходно е зајакнување на инспекцијата на терен и капацитетите на сите институции. Можеби зголемување на бројот на оние кои управуваат со природните ресурси, бидеќи тука е лоциран најголемиот проблем“, вели Ѓоко Зороскидипломиран инженер по животна средина.

Еколозите посочуваат дека што поскоро мора да се реши проблемот со реката Сатеска, како еден од најголемите загадувачи на езерото, но и со рудните материјали на албанскиот дел од брегот.

„Рудниците се уште еден дополнителен проблем, кој што не само што ја загадува почвата,туку ја загадува водата со хемиските материјали кои што се испуштаат. Исто така проблем е и нелегалната градба околу Охридското Езеро“, изјави Ендела Пингули„Еуропартнерс Дивелопмент- Тирана.

Проектот е дел од ИПА прекуграничната програма помеѓу Македонија и Албанија, а ќе биде заокружен на 30-ти овој месец со студиски посети во двете земји.

 

Сашо Нелоски